Необичен „коронален“ дневник
Со чудни предизвици се соочува човештвото. Што би рекол еден локален берберин: „Ова ни е, Пеце, шлаканица на сите. Глобална шлаканица! Претеравме со сѐ! Тргнувам од себе… и јас претерувам.“ Само до пред месец-два седевме комотни во своите фотелји и бистревме за разни теории на можни сценарија и режии направени де од Американците, кои сега ќе ја клекнеле кинеската економија и ова е нивно масло, де за тоа како Кинезите со ова ќе ја ослабат позицијата на САД и ЕУ ,па намерно ни пуштаат смртоносни вируси…
Кога тоа, оп, еве ја „чумата“, затропа и на нашата врата. Одеднаш истите ние сме крајно загрижени и убедени дека ова не е шега и дека немало дополнителни измислени сценарија за ова зло. И сега што? (наслов на албум од „Суперхикс“ од 2008 година) Е па, сега – чорба! Аздисаната човечка популација ќе мора да го почувствува на своја кожа сето она што им правела на природата, на животинскиот свет, на планетата воопшто.
Сега седиме по дома во доброволен (не за долго доброволен) полукарантин и размислуваме за тоа каде ја оплескавме глобално. Но има ова и свои добри страни, ова е можност да се преиспитаме сите каде брзаме, со кого живееме, каде одиме, што се случува со нас, со нашите деца. Е, сега, ова ќе потрае. Сега ќе правиме ручек по дома со сите салтанати, ќе читаме книги, ќе слушаме многу музика (барем јас), ќе почнеме да учиме и германски, а и да се потсетуваме на работи што сме ги изумиле од основно или средно образование. Сега е време за нас. Ова ќе биде дневник на еден обичен музичар од една мала држава Македонија за тоа како ги поминува своите полукарантински денови со сите здодевности, забава, кавги, животни анализи што истите тие ги поттикнуваат. „Stay tuned for more rocknroll“, што би рекле „Рамонс“. Продолжуваме понатаму!
Петар Младеновски, музичар