Потреба од релаксација
Самоизолација! Колку застрашувачки да звучи овој збор, оваа состојба, не треба премногу да нѐ плаши. Секој умен и мудар човек треба да ги најде и убавите нешта за многу потребната релаксација. Веројатно тоа е полесно кога си возрасен, како што сум јас.
Откога започна оваа состојба со коронавирусот, речиси комплетно сум свртен кон себе и кон спомените на годините што сум ги проживеал и ги живеам: плодно и со многу интересни содржини. Но да почнам од годините кога сум бил млад. Како љубител на филмската уметност, постојано кога можев гледав филмови. Најпрво на кино, а како се менуваа технологиите, гледањето продолжи во домашна атмосфера… Овие денови го прелистувам мојот филмски дневник. Сум изгледал над 8.000 филма. Во дневникот сите се запишани и, замислете, и оценети од мене од 1 до 5. Ги читам моите забелешки карактеристични со мојата педантност и систематичност и се воодушевувам од потсетувањето на повеќе ремек-дела на седмата уметност. Навистина прекрасна релаксација.
Во содржината на мојата самоизолација спаѓа и прегледувањето на моите интервјуа и разговори со огромен број личности од сите сфери на животот. Препрочитувајќи ги, си размислувам дека добро ми дојде оваа изолација: нема роднински гости, нема комшиски посети… Овој материјал е толку обемен и интересен што самиот како да ми е нова книга. Досега имам напишано 21 публицистичка книга, од кои седум за пензионерската проблематика. Додека на мониторот од компјутерот ги читам материјалите за новата книга, возбуда и среќа ми ја исполнуваат душата. Во деновите кога се одморам во мојата работна соба, ги гледам големиот број книги, списанија, фотографии, награди и признанија. Мојата соба е еден интересен мал но богат новинарски музеј! Во наредните денови сето тоа ќе го разгледувам и ќе се потсетувам… Еве шанса да ги систематизирам, подредам и средам.
Од ТВ-приемникот и од весници се запознавам со информации за состојбите со коронавирусот кај нас и во светот. Нешто ми е интересно, нешто, да бидам искрен, не. Сакал или не, повеќе научив за овој многу опасен вирус благодарение на моите колеги новинари, за што сум им благодарен. Слушам меѓу другото дека времето ќе се разубави, што може, како што велат експертите, да дејствува на намалувањето на опасностите од вирусот. Убавото време е добредојдено и за нас возрасните. Ќе може да седам во дворот меѓу моите цвеќиња, ќе пиеме кафе со сопругата и ќе разговараме за многу прашања од животот. Наместо бучавата од автомобилите, ќе го слушаме појот на птиците…
За подобрување на мојата позитивна енергија значително придонесува и зголемената телефонска и фејсбук-комуникација, со голем број роднини и пријатели. Со некои подолго време не бев во контакт. Сега почесто се потсетуваме на старите добри времиња.
Самоизолација! Ништо страшно за нас пензионерите ако ги слушаме препораките и седиме дома. Вирусот ќе помине. Ме загрижува што ќе биде со економијата!
Драги Аргировски, новинар и публицист