Изминатава година беше сериозен предизвик за лекарите од ковид болниците, каде завршуваа најкомплицираните случаи. Секојдневната битка за живототот на пациентите беше најодговорната работа, но за жал многумина кои беа на лекување ја загубина битката

Да се земе здив во секојдневната битка за живот или смрт. Токму вака го опишуваат секојдневието докторите кои директно работат со ковид-болните во одделенијата на болниците.
Изминатава година беше сериозен предизвик за лекарите на одделенијата каде што завршуваа најкомплицираните случаи. Секојдневната битка за живототот на пациентите беше најодговорната работа, но за жал многумина кои беа на лекување ја загубија битката.

Македонија со години се соочува со феноменот на емигрирање на професионален медицински персонал, а со тоа и со недостиг, што секако се одразува на дефицит на квантитетот и квалитетот на услугите и воопшто грижата кон пациентите.
Иако постојано се укажува и работи на подобрување на условите за работа во јавното здравје, сепак анализите и понатаму покажуваат недостиг од (квалитетен) здравствен кадар.
Со кои мисли секое утро заминуваат на работа лекарите кои се дел од ковид-центрите? Што посакуваат во Новата година, оние кои се на првата линија во борбата со пандемијата.

Секојдневна мисла за нов оздравен пациент

Пулмолоалергологот д-р Марјан Баловски од ГОБ „8 септември“ веќе речиси две години работи во ковид одделенијата на болницата.
– Имаме различни распореди. Работам и на одделите на интензивна нега во ковид делот, но работам и во делот каде сме им потребни на оние со други хронични болести. Се менуваме на неделен период. И во пандемија не треба да заборавиме дека постојат и други болести, кои можат да го загрозат здравјето на пациентите-посочува тој.

Фото: Приватна архива

За себе, вели дека е несреќен што бил дел од многу немили настани кои се случиле изминатиот период.
– Заедно со колегите беспоштедно се бориме за подобра клиничка слика на секој пациент. Но, секој пат кога се подготвувам за работа веднаш помислувам на оние пациенти што претходниот ден сум ги примил, а истовремено очекувам да ги испишам оние кои се веќе оздравени. Морам да нагласам дека со хоспитализацијата не завршува следењето на пациентите. Многумина од нив имаат пост-ковид симптоми, па мораме да ги насочуваме и во следниот период-објаснува тој.
Сепак, најмногу се грижи за најтешко болните кои се на вентилациска поддршка и оние кои се на респиратор.
– Затоа, посакувам следната година да имаме што повеќе вакцинирани граѓани, а оние кои се возрасни и хронично болни без мислење и двоумење да примат трета бустер доза. Посакувам да продолжат да се почитуваат мерките. Знам дека сето ова трае веќе долго време, дека младите се желни за дружба, но сето тоа е неоходно да се заврши пандемијата што поскоро.
Очекувам годинава да ставиме крај на пандемијата и конечно да почнеме да се радуваме на секојдневни нешта кои во ова време станаа ретки. Им посакувам добро здравје на сите граѓани, како и до сите колеги кои помогнаа во оваа борба-заклучува д-р Баловски.

Надеж за побрз опоравок

Д-р Сања Колевска, специјализант по анестезиологија и интензивно лекување во ГОБ „8-ми Септември“ вели дека секој нов почеток е нова надеж, па така и следната година.

Фото: Приватна архива

– После се што поминавме и поминуваме секојдневно професионално, надежта за подобро утре е уште поголема. Се надевам и очекувам состојбата со пандемијата да се стабилизира, вакцинацијата да се одвива успешно и сите ние како важна цел да ја поставиме грижата за сопственото здравје во превентивна насока. Да ги нахраниме нашите физички и духовни тела со вистинската храна, секако преку едукација и вложување во здрав начин на исхрана, физичка активност и грижа за менталното здравје чие нарушување некако споредно стана тивка пандемија-вели д-р Колевска.

Според неа, предизвиците се секојдневни.

– Текот на состојбава не научи дека се може да се смени од месец за месец. Потребни им се на пациентите силни морално и спремни професионално за да им дадеме надеж и услов за побрз опоравок. Секоја победена битка ни дава сила за уште поголема борба. И тоа се однесува и на секојдневната пракса, независно од пандемијата. Тоа е она што ме мотивира секојдневно и заради што сум лекар – заклучува таа.