Автор: Џон Брендон

Форбс

Минатата недела, најпознатиот човек во технолошката сфера стана многу активен на Твитер за коронавирусот. Која му беше целта? Да го спречи тврдењето дека пандемијата зема замав. Проблемот е што повеќето од предвидувањата се покажаа како точни.

Експертите официјално изјавија дека постои сериозна загриженост. Денес, д-р Дебора Биркс, претставничка на Белата куќа, изјави дека околу 200.000 лица може да починат во САД ако во сите аспекти „совршено“ се постапува со епидемијата. Нечии твитови многу зборуваат за ова.

Маск на Твитер го цитираше писателот и новинар Алекс Беренсон кој смета дека процените за заразеност и смртност се преувеличени. Беренсон исто така наведе како карантинот во Обединетото Кралство почна да функционира по два дена. Станува збор за разни теории и контра-аргументи, но се чини дека Маск се согласува со нив.

На почетокот од овој месец, Илон Макс истакна дека е глупаво да се паничи за време на пандемијата. Бев изненаден што тој не сфати дека самиот збор „паника“ буквално е дел од зборот „пандемија“ (почетокот и крајот на зборот). Не секоја паника е 100 отсто негативна. Паниката е логичен одговор во некои состојби каде што треба брзо да реагираме и да најдеме ефикасни решенија. Во една објава од крајот на минатата недела, Маск ја спомена идејата да се спроведе тестирање за антитела во организмот против ковид-19, за да се утврди состојбата на имунитетот. Објавата на Твитер гласеше „добро би било да се комбинира крводарителството со тестот за антитела против ковид-19 за да знаете дали сте имуни. Започнете со дарување крв и охрабрете ги крводарителите“.

Добро е што споделил ваква информација за антителата и ги ценам напорите на „Тесла“ во решавањето на проблемот. Минатата недела, компанијата која Маск ја коосноваше, донираше стотици респираторни машини. Секоја чест!

Сега ќе се навратам на моето отворено писмо.

Почитуван Илон Маск, ве молам престанете со ваквото однесување.

Не сакам да слушам за преувеличени процени, контра-аргументи или дали треба да паничиме. Како што неодамна гувернерката на Мичиген му објасни на претседателот Трамп (дека нема време за губење, туку дека ѝ треба помош), сега не е време за реторика. Сега потребни ни се паметни претприемачи за да изнајдат решенија за проблемите. Сакам да видам повеќе твитови на таа тема.

Искрено не знам што сакаше да постигне со цитирањето на Твитер. Можеби целта беше да се смири народот и да почнеме логично да размислуваме. Тоа не ми е важно, затоа што сакам да видам предлози за решенија. Веќе имаме веродостојни извори на информации за пандемијата, меѓу кои и американскиот Центар за контрола и спречување на болести (ЦДЦ). Всушност постојат илјадници линкови и милиони твитови. Не помага ако споделувате нови линкови.

Имате речиси 33 милиони следбеници. Кога нешто ќе објавите, луѓето веднаш реагираат. Наместо постојано да цитирате на Твитер дека не е сè така црно, потрудете се повеќе да пишувате за тоа како луѓето поактивно да се вклучат во борбата против вирусот, како можат да помогнат и како да дојдеме до решенија, затоа што нема повеќе време.

Превод: Билјана Здравковска