Медицинските лица брзаат низ одделенијата со подвижни кревети исполнети со луѓе во ужасна болка, а повеќето заболени се обидуваат да земат воздух, стискајќи ги градите додека се приклучени на цевки што пумпаат кислород во нивните бели дробови. 
 
 
Најтешко погодената болница во Италија е во Бергамо во провинција Ломбардија. Според Стјуард Рамзи од Скајњуз, глетката едноставно е застрашувачка. Маскирани, со гумени ракавици и во заштитно одела, Рамзи и неговиот тим се водени низ ходници низ кои одекнуваат гласови од луѓе кои навидум се во многу лоша состојба. „Прашувам во кој оддел сум“, вели Рамзи.
 
– Ова не е навистина оддел, ова е чекална, треба да го искористиме секој простор – кажува водачот, Вана Тонинели, шеф на канцеларијата за односи со медиумите во болницата.
 
Медицинските екипи во болниците во Италија водат војна, но ја губат битката. Преголемиот број заразени луѓе од коронавирусот ја преоптоваруваат секоја болница во северна Италија. Доколку продолжи оваа практика, лесно може да го собори и остатокот од земјата. Персоналот работи постојано, обидувајќи се да спречи дополнително влошување на состојбата на своите пациенти. Тие се обидуваат да ги спречат да умрат. 
 
Медицинскиот персонал прикачува монитори и респиратори. Без нив, на пациентите може да им се влоши здравствената состојбата и да починат. Пристигнувањето на нови заболени луѓе во болницата е постојано. Пандемијата во овој дел од Италија практично е надвор од контрола. 
 

– Градот Бергамо нè покани да им покажеме на сите како изгледа една катастрофалнa и вонредна состојба, која досега никој не доживеал. Тие сакаат да ја видите и согледате оваа состојба. Тие сакаат светската популација да се запраша за реакцијата на нивните влади. Затоа што повеќе не може да има оправдување дека никој не знаел. Италија не знаеше, ама сега сите други знаат – вели Рамзи. 

Преку пластични меури што се поставуваат над главите на најболните, персоналот се бори да комуницира со пациентите. Слабите едвај можат да зборуваат и над вревата во одделението и пумпите за дишење, скоро е невозможно да се сфати што зборуваат. 

Болницата „Папа Џовани дваесет и трети“ е една од најнапредните во Европа, но дури и оваа голема и софистицирана болница е на колена. Никој не го очекуваше ова, никој дури не замислуваше дека ќе се лекуваат толку многу пациенти толку брзо – додава Рамзи.