Градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио, рече дека јавните училишта во градот ќе останат затворени до крајот на учебната година поради епидемијата на коронавирус.
– Тешко ми е што морам да ви кажам дека нема да бидеме во можност да ја организираме работата во училиштата до крајот на годината, но можам да ви кажам дека тоа е вистинската работа која треба да се направи во ваква ситуација – рече Де Бласио на прес-конференција.
Тој на 16 март донесе одлука за затворање на јавните училишта со цел да се спречи ширењето на вирусот, а според првичниот план училиштата требаше да бидат повторно отворени до 20 април.
Сепак, градоначалникот вели дека сега е јасно оти ваквата поставената цел била нереална бидејќи Њујорк е главно жариште на епидемијата во САД.
Според универзитетот Џонс Хопкинс, во САД, коронавирусот е потврден кај 501.680 лица, додека 18.780 починале.
Во градот Њујорк има 5.820 потврдени смртни случаи од ковид-19.