Авторка: Анџела Џуфрида

Гардијан

Компилација од видео-снимки на кои се забележуваат градоначалниците како остро ги прекоруваат луѓето кои ги прекршиле правилата за карантин од ковид-19 наиде на силна поддршка кај Италијанците, кои масовно ги споделуваа по социјалните медиуми. Луѓето рекреативно трчаа, играа пинг-понг на плажа и ги шетаа кучињата почесто од вообичаено како изговор за да излезат надвор.

– Видов како мој сограѓанин рекреативно трча по улица заедно со кучето кое очигледно беше истоштено. Го застанав и ги предупредив дека ова не е филм, не е Вил Смит во филмот „Јас сум легенда“. Му порачав да остане дома – изјави еден градоначалник.

– Каде тргнавте сите? Претеравте вие со вашите кучиња! Да не имаат воспаление на простата, случајно – гневно порача друг градоначалник.

Апелот се случи откако италијанската влада забрани секакво движење во државата и ги затвори сите несуштински бизниси за да го спречи ширењето на коронавирусот откако само во еден викенд починаа над 1.400 лица. Супермаркетите, банките, аптеките и поштите остануваат отворени.

Италијанците имаат забрана за движење низ општините освен во случај на „неодложна обврска, здравствени причини или итност“. Весникот „Кориере дела сера“ пренесе дека во неделата полицијата запрела 120 лица од Милано, кои сакале да се качат на воз за југот на земјата. Граѓаните мора да пополнат формулар за самоизолација за да наведат причини зошто мора да го напуштат домот, а единствените валидни се работа, набавки на храна во супермаркет и здравствени проблеми.

Иако мнозинството од италијанската популација од 62 милиони жители ги почитуваат мерките, полицијата ги засили контролите во земјата и над 40.000 лица беа казнети за кршење на препораките само во првата недела од карантинот. Во некои места дури и армијата патролира. Припадниците открија дека одредени лица лажеле во формуларите затоа што правеле нешто друго, иако навеле во нив дека одат на пазарување.

„Рома тудеј“ пренесе дека во саботата две лица излегле надвор да продаваат дрога. Други напишале дека излегле поради „љубов“ за да се видат со партнерот, а други две жени напишале дека одат во посета на постара и болна роднина која се испоставило дека била здрава жена во нејзините 40-ти години. Трети рекле дека одат на работа, а инаку биле на партија карти кај пријателите.

Превод: Билјана Здравковска