Мајкл Џерард имаше ќерка, сопруга, внук и тригодишна внука

Ќерката на Мајкл Џерард (73) кој почина откако беше дијагностициран со коронавирус, има порака до луѓето да ги следат строгите нови правила кои треба да го спречат ширењето на заразата, пренесува Би-би-си. Нејзиниот татко починал во болницата во неделата, откако пред две недел се здоби со симптоми слични на пневмонија.

Неговата ќерка се сомневаше дека тој има коронавирус, но тоа беше потврдено само четири дена пред неговата смрт.  Зборувајќи по телефон од домот на нејзината мајка во Лестер, Сушила Молес ги поздрави новите ограничувања што ги најави британскиот премиер Борис Џонсон во понеделникот.  Таа и нејзината мајка се во самоизолација, но се загрижени дека другите луѓе не ги сфаќаат сериозно ризиците. 

– За мене е многу чудно, затоа што сум заглавена во оваа куќа и го загубив татко ми, а потоа ги гледам вестите и ги гледам сите овие паркови полни со луѓе. Веројатно не знаат некој кој починал, а другите земји изгледаат далеку, но случка како мојата повторно ќе се случи. Ова е пандемија што доаѓа на овој начин и треба да размислиме за ранливите луѓе, да останеме внатре и социјално да се дистанцираме најдобро што можеме – рече Молес.

Таа го опишува нејзиниот татко како многу фрагилен човек кој веќе 20 години не се чувствувал добро, со здравствени проблеми, вклучувајќи кронова болест, глауком и автоимуни заболувања. 

– Кога слушнав дека татко ми има коронавирус, мислев дека доколку се извлече, тоа би било чудо – рече таа. 

Молес исто така ги предупредува луѓето дека можат да имаат коронавирус, дури и ако не мислат дека го имаат, како што нејзиниот татко мислеше дека има пневмонија.

– Тој не беше премногу загрижен, ниту мајка ми. Тој беше доста болен, но изгледаше прилично во ред. Кога се јавувивме кај лекарите тие ни рекоа дека има пневмонија што ја имал претходно, и ни дадоа некои антибиотици. Тој ги зеде антибиотиците, но не забележа подобрување. Јас велев, дали сте сигурни дека не е коронавирус – вели таа.

Симптомите на Џерард биле силна кашлица и висока температура. Тој бил примен во болница на 16 март, откако бил болен околу една недела. Тој бил тестиран за коронавирус и било потврден дека го има на 18 март. Починал утрото на 22 март.