Актерот Идрис Елба изјавил дека коронавирусот го истрауматизирал и влијаел врз неговото психичко здравје, пренесува „Скај њуз“. Тој и неговата сопруга Сабрина Даура уште при крај на март биле позитивни на тестовите за ковид-19. Елба ја дознал веста дека е заразен за време на снимање на филм во Мексико.
Елба сега потполно закрепна и се чувствува „среќен што е жив и благодарен што успеа да го избрка“ вирусот, изјавил во интервју за „Радио Тајмс“, а го пренесува „Скај њуз“.
Тој додава дека болеста извршила големо влијание врз неговото психичко здравје.
– Бев асимптоматски случај, не ги имав главните симптоми што ги имаа останатите. Тоа психички ме погоди многу, бидејќи во тоа време и не се знаеше многу за болеста. Поради тоа чувствував потреба да зборувам. Тоа беше трауматско искуство и за мене и за мојата сопруга. Ми требаше самоизолација за да го надминам тоа. Се чини дека на светот навистина му требаат епидемиолошки мерки – заклучил актерот.