Двете држави, предводени од идеолошки спротивни власти, се здружуваат во заедничка цел – елиминација на вирусот. Нивниот аполитичен пристап ја враќа довербата во демократијата
Лидерите на Австралија и Нов Зеланд се насочени кон целосно искоренување на коронавирусот во нивните држави. И во двете земји засега има само по неколку нови случаи, во споредба со стотиците заразени во март. Независно дали ќе успеат во нивната намера или не, и двете земји постигнаа неверојатен успех, а со тоа, и причина за надеж за потенцијално искоренување на вирусот, пренесува „Њујорк тајмс“.
Успехот во справување со пандемијата е и причина за доверба во демократијата во нивните земји, каде што експертите го презедоа лидерството, а партизацијата и политиката беа тргнати настрана.
– Ситуацијата е многу поразлична во споредба со САД. Сега не е време за политика, туку време во кое се анализираат податоците и се постапува според разумот – вели доктор Питер Колињон, професор по микробиологија на австралискиот Национален Универзитет кој работел за Светската здравствена организација (СЗО).
Додека во САД е невозможно да се врати функционирањето на животот во нормала, во Австралија и Нов Зеланд се трудат да го елиминираат ширењето на вирусот, а за тоа би биле потребни мерки за забрана за патување. Кина, Хонкгонг и Сингапур бележеа враќање на вирусот, обично преку заразени од странство.
Овие две земји решија „херметички да се затворат“, а прагматично постапија и пред проширување на пандемијата. Првиот случај на ковид-19 во Австралија беше регистиран на 25 јануари, а во Нов Зеланд на 28 февруари. Но, лидерите Скот Морисон и Џасинда Ардерн одговорија на пандемијата со строги мерки и предупредувања.
Морисон ги забрани летовите од Кина на 1 февруари, еден ден пред тоа да го стори Доналд Трамп, а го прогласи ширењето за пандемија две недели пред СЗО. Тој исто така формираше и национален кабинет за градење на болнички капацитети.
Ардерн, пак, воведе систем за предупредување и за помалку од еден месец од појавувањето на првиот заразен земјата беше во карантин.
– Треба да се бориме жестоко, но да се движиме помалку – изјави таа.
Во двете земји, граѓаните прво негодуваа, но потоа ги послушаа своите лидери, кои најдоа соодветни начини да ја прошират пораката. Морисон тоа го стори преку радио, додека Ардерн беше активна преку видеообраќања на Фејсбук.
Научниците го опишаа случајот како „ситуација во која политичарите не пречат“, а ги пофалија и двата лидера за слушање и прилагодување на доказите. А доказите се непобитни. Австралија, со број на население од 25 милиони, за која се предвидуваше дека ќе има 153.000 случаи до Велигден, има 6.630 заразени и 78 смртни случаи, а дневна стапка на раст помала од 1 отсто. Исто е и во Нов зеланд, со стапка на заразеност од еден отсто, односно 1.456 заразени и 17 смртни случаи. Властите исто така дадоа голема финансиска поддршка на работниците и медицинскиот персонал, честопати ангажирајќи дополнителен персонал во првите фронтови на болниците.
Во Нов Зеланд, експертите за јавно здравје инсистираа дури и на чекор понатаму. Доктор Мајкл Бејкер повика на целосна елиминација на вирусот, не само на негово сузбивање. Тој тврди дека коронавирусот треба да се гледа како сипаниците, нешто што треба да се искорени.
– Кога се појавија првите случаи на ковид-19, како да стоевме на работ. Сите бевме испаничени и под голем притисок, се прашувавме дали ќе опстоиме во борбата. Клучно е функционирање на сите системи во земјата, границите, правењето тестови, надзорот… – вели Бејкер.
Елиминацијата на вирусот на ниво на двете земји би била голем успех, сѐ додека не биде откриена вакцината. Сепак, таквиот успех тешко може да се достигне ако границите се отворат, а луѓето патуваат. Научниците се исто така заслужни за нивната макотрпна работа и секојднените жртвувања, како и неуморните конференции во живо преку кои допреа до популацијата. Некои научници се прашуваат дали елиминирањето на вирусот со добро управување може да ја врати довербата, не само во демократијата, туку и во важноста на експертизата на научниците.
– Во моментов изгледа како заедно и сложно да се движиме напред. Се надевам дека ќе ја одржиме насоката. Можеби ќе го засведочиме „враќањето“ на науката. Се сомневам во тоа, но кој би можел навистина да знае? – вели доктор Макеј.