Значителен дел од населението на светот го игнорира ширењето на вирусот ковид-19 и продолжува со животот како ништо да не се случува и покрај предупредувањата и препораките на здравствените организации и властите. Младите одбиваат да останат дома и ги преплавуваат плажите, повозрасните одбиваат да престанат со одењето во црква, а загрижените ги преплавуваат маркетите и ги празнат рафтовите од намирници, пишува Си-ен-ен.
Зошто некои луѓе не ја сфаќаат заканата сериозно? Психолозите наведуваат неколку причини. Едноставно, велат тие, станува збор за човековата природа.
Преувеличување на ситуацијата
Според анализите, има три категории на луѓе за време на пандемија. Оние кои ја преувеличуваат ситуацијата и паничат, оние кои воопшто не паничат, а постои иодредена меѓукатегорија.
Оние кои премногу паничат се тие што ги празнат рафтовите од намирници. Според психолозите, тие на тој начин го намалуваат стравот од настанатата ситуација.
Средната категорија се луѓе кои ги следат препораките на властите и здравствените организации и не претеруваат со паника, но не се ниту преопуштени за ситуацијата.
Последната категорија е онаа во која спаѓаат тие што воопшто не се грижат ниту за своето, ниту за туѓото здравје, не го следат правилото за социјално дистанцирање и себеси се сметаат за недопирливи од каква било опасност.
Добивање чувство на контрола
Оние кои не се дистанцираат за време на пандемиите, продолжуваат да се собираат во групи и на тој начин, велат психолозите, добиваат чувство на контрола, истовремено намалувајќи го нивниот страв од опасноста од вирусот. За жал, собирите во групи само ја зголемуваат шансата за ширење на коронавирусот.
Не е мој проблем
За други, проблемот со коронавирусот е товар на туѓите држави и на народите што живеат во нив. Никогаш не е наш проблем. Оние кои живеат во област каде што вирусот не е проширен, или пак властите немаат наметнато мерки за носење на заштитни мерки, честопати не се подготвени или не сакаат да се дистанцираат себеси од другите, додека за тоа не е предоцна.
Отрпнување на ситуацијата
Кога пандемиите го преплавуваат светот, на медиумите постојано се емитуваат информации за настанатата состојба, а вирусот е тема на секој разговор, па одредени луѓе отрпнуваат на опасноста и им станува сеедно. Најчесто станува збор за помлади лица, кои сметаат дека опасноста од вирусот не е значителна за нивниот имунолошки систем, а немањето страв само ја влошува целокупната ситуација за нивните земји, за оние со хронични болести и за постарите лица.
Индивидуално размислување
Индивидуалното размислување, ставањето на личните потреби над потребите на заедницата и општото добро исто така е проблем. Затоа, голем број здравствени работници буквално ги молат другите да останат дома и да се дистанцираат за време на пандемијата.
Некои луѓе се чувствуваат премногу осамено
Човекот е битие кое постојано е гладно за интеракција и конекција со други луѓе. Кога тоа ќе им се одземе, некои луѓе едноставно стануваат преосамени. Постарите лица, кои не ја користат технологијата за комуникација како што е навиката на поновите генерации, исто така се многу погодени од настанатата ситуација.
Понекогаш нема начин како да се натераат луѓето да останат дома
Психолозите бараат начин како да ги натераат луѓето да останат дома. Дел од нив веруваат дека треба доволно да ги исплашат. Други пак, тврдат дека употребата на страв може да предизвика спротивен ефект, бидејќи оние кои се исплашени носат одлуки што не се базирани врз логика. Затоа е толку тешко да се најде златна средина погодна за ситуацијата. Со идентификување на психолошките фактори кои придонесуваат за ваквото реагирање, јавните службеници полесно ќе дојдат до начин како да ги натераат луѓето да останат дома.