Градските власти на литванскиот главен град Вилнус, за да се овозможи социјално дистанцирање, ги отвораат јавните места и им даваат ваучери во вкупна вредност од 400 илјади евра на медицинските работници за користење во рестораните, во рамки на намалувањето на забраните воведени со карантинот, пишува „Индипендент“.
Вилнус ќе ги претвори своите улици во отворени места за барови, ресторани и кафулиња за да се овозможи угостителската индустрија да се врати на работа, додека луѓето можат да одржат социјално растојание за да се избегне ширењето на ковид-19.
Многу јавни места во градот кои досега ретко се користеле за јадење на отворено, како што е плоштадот во Стариот град заштитен од УНЕСКО, сега се отворени за поддршка на рестораните во градот.
Соопштението беше објавенo во петокот, а до понеделник наутро се пријавиле 162 фирми за да ја искористат оваа мерка.
Литванија веќе започна да укинува некои од своите мерки за ограничувања. Земјата досега има регистрирано вкупно 1.344 случаи на коронавирус и 44 смртни случаи.
Многу продавници, кафулиња и други бизниси повторно беа отворени неделава, но со мерки за социјално растојание кои сè уште треба да се почитуваат.
Планот да се даде поголем простор на угостителските бизниси, наводно, бил поздравен како „спасувачки“, велат градските власти, бидејќи на рестораните и кафеаните им останале само две опции да заработат пари и да зачуваат работни места: со обезбедување на храна за носење или со ограничување на клиентите.