Шведска најави ревидирање на стратегијата во борбата против коронавирусот откако стапката на смртност во старските домови излезе од контрола.
Премиерот Стефан Лофвен планира да потроши и до 220 милиони долари на здравствен персонал за да ги заштити највозрасните лица во државата. Уште толку пари ќе бидат наменети за локалните власти за дополнителни трошоци кои ги имаа во борбата против пандемијата, објави владата, пренесува „Блумберг“.
Како и во другите држави во светот, така и во Шведска најголем број на починати се повозрасни лица, но критичарите тврдат дека многу од тие жртви можеле да се избегнат ако властите подобро се фокусирале на заштита на најранливите групи.
На почетокот на февруари Шведска отвори истрага поради големата стапка на смртност во домовите за стари лица. Половина од лицата постари од 70 години, кои починаа од коронавирус, живееле во старски домови, вели националната статистика опфаќајќи периодот од крајот на април. Вчера бројот на починати достигна 3.256.
Шведскиот пристап на пандемијата стана топ тема на меѓународните дебати откако Швеѓаните зазедоа порезервиран став од другите држави во светот. Наместо строги мерки и карантин, тие се потпираа на однесувањето на своите граѓани и нивната способност да се придржуваат кон правилата на социјално дистанцирање.
Теретаните, училиштата, рестораните и трговските центри останаа отворени во текот на целото време. Стратегијата досега ја заштити економијата од најлошото, но стапката на смртност од коронавирус во Шведска изнесува околу 32 на 100.000 жители.
Главниот шведски епидемиолог, Андрес Тегнел, вели дека борбата против коронавирусот е долготраен процес, нагласувајќи дека карантините се само краткотрајно решение. Тој предупредува дека веднаш штом ќе се укине карантинот, стапката на зараза ќе почне да расте.
Според него, умерените рестрикции кои дозволуваат продолжување на нормалниот живот, се поефикасни и на општеството му овозможуваат полесно надминување на пандемијата.