Училиштата во Франција загубиле контакт со пет проценти од учениците од средината на март кога часовите беа откажани за да се спречи ширењето на коронавирусот, рече министерот за образование, Жан-Мишел Бланкер.
Затворањето на училиштата на 14 март предизвикува социјална штета и покрај напорите да се обезбеди редовна настава од далечина, изјави Бланкер за телевизијата ЛЦИ.
Претседателот Емануел Макрон ја наведе токму опасноста од продлабочување на нееднаквоста кога во понеделникот најави дека училиштата и градинките ќе се отворат постепено од 11 мај, што ќе биде првиот чекор во ублажувањето на мерките за изолација.
– Денес имаме ученици до кои не можеме да допреме и покрај сите напори. Тие се околу 5 проценти, а тоа е многу – вели Бланкер.
– Другите ученици сè уште се во контакт со училиштето, но заостануваат бидејќи нивниот контекст во семејството не е позитивен – посочува министерот, наведувајќи го семејното насилство, па дури и недостигот на храна како пример.
– Тоа значи: колку подолго се преземаат мерки за изолација, толку е поголем ризикот од напуштање на училиштето. Во некои случаи дури и засекогаш – предупредува министерот Бланкер.
Тој напоменува дека училиштата ќе се отвораат од 11 мај, но постепено, а не сите одеднаш.