Новиот дневен рекорд на заразени со ковид-19 во Италија изнесува речиси 32.000 лица, починале 297, а хоспитализирани се во моментот 18.000 пациенти.
На интензивна нега во моментов има 1.843 пациенти.
Министерот за здравство, Роберто Сперанца вели дека инфекцијата се шири застрашувачки брзо.
– Или ќе го спречиме ширењето на коронавирусот или за неколку дена ќе се најдеме во многу тешка ситуација. Имаме 48 часа да размислиме пред да воведеме нови мерки – рече тој.
Премиерот Џузепе Конте, кој според извештаите во медиумите упорно одбива да воведе нов карантин за целата територија, ги омекна своите ставови и сега зборува за „насочен карантин“, односно затворање на оние области каде што е највисоко нивото на инфекција. Северниот регион Ломбардија, каде имало 9000 нови случаи во последните 24 часа и јужниот регион Кампанија, каде што биле откриени скоро 4000 нови случаи во последните 24 часа се најзагрозените делови на државата.
– Да се тврди дека излезот од пандемијата е имунитет на стада е огромна глупост. Со сите ограничувања што ги презедовме, пандемијата се шири и не е тешко да се замисли во каква ситуација би се нашле доколку не сториме ништо за да го спречиме ширењето на ковид-19 – пишува на својот Фејсбук профил професорката од Универзитетот во Падова, имунологот Антонела Виола.