Светската здравствена организација денеска предупреди дека пандемијата на коронавирус и натаму е опасна за Европа, односно дека малото снижување на бројот на регистрирани заразени и смртни случаи е сè уште „на стаклени нозе“.
– Опасно е да се мисли дека се приближуваме до крајот на епидемијата. Вирусот не остава простор за грешка, како и лажното чувство дека сме постигнале нешто. Секоја промена во нашата стратегија, како и попуштање во мерките за безбедност, бара сериозно размислување – вели регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуж.
Тој на прес-конференција предупреди дека, додека иако бројот на починати во земјите под тежок удар на вирусот, како што се Италија и Шпанија, опаѓа, сега не е време да се опуштиме.
Седум од 10 земји со најголем број заразени луѓе на светско ниво се во Европа.
Според последните податоци, 687.236 се заразени на европскиот континент, а има 52.824 смртни случаи.