Рускиот претседател Владимир Путин ќе продолжи да работи од далечина уште најмалку една недела, поради пандемијата на коронавирусот, соопшти Кремељ.
Портпаролот на Кремељ, Дмитриј Песков изјавил дека Путин и сите кои работат со него редовно се тестираат за коронавирус, пренесе ТАС С.
„Помина една недела и можам да кажам дека претседателот ќе работи од далечина уште најмалку една недела или подолго“ рекол Песков.
Тој нагласил дека одлуката на Путин да работи од далечина не е поврзана со тоа што директорот на болницата во московската населба Комунарка, Денис Проценко, е заразен со коронавирус.
На 24 март Путин се состана со Проценко за време на посетата на болницата, специјализирана за лекување на заразени со коронавирус. Тие исто така се ракуваа, заедно се возеа со лифтот и разговараа без заштитни маски.
Заразата со коронавирус во Русија е потврдена кај 5.389 лица, од кои починаа 45.