Научниците откриваат дека е пронајдена првата значајна мутација на ковид-19 која би можела да претставува опасност за досега направниот напредок во откривање на потенцијална вакцина, пренесува „Њујорк пост“.
Научниците изолирале дел од вирусот од примерок земен во Индија во јануари, забележувајќи дека мутацијата прави вирусот да биде помалку способен да се врзува за човечките клетки и нивните рецептори наречени АЦЕ2, ензим кој се наоѓа во белите дробови.
Ваквата мутација „ја зголемува загриженоста дека тековниот развој на вакцината би можел да биде бескорисен при идни епидемии, ако се откријат нови мутации“, велат истражувачите. Студијата објавена од лабораторијата „Биорвикс“ сѐ уште не е рецензирана.
Сепак, тимот предводен од Националниот универзитет за образование „Чангхуа“ во Тајван во соработка со Универзитетот „Мардок“ во Австралија, додава дека САРС-ков-2 има ниска стапка на мутација.
– Докажавме дека САРС-ков-2 има ниска стапка на мутација, но исто така докажавме дека веќе се појавија нови мутации со различна вирулентност и имунолошки карактеристики – објаснува тимот научници.
Но, Џена Макиочи од Универзитетот во Сасекс, која не работеше со тимот на студијата, смета дека иако откритието е важно и треба да се следи. Таа не верува дека напорите за вакцина се спречени.
– Мали мутации се очекувани од секој вирус. Појавената мутација во овој случај се чини дека го намалува врзувањето за АЦЕ2 реципторите, што значи помала вирулентност и помала способност да заразува. Но, бидејќи ова е изолиран случај, не мора да значи дека обидите за вакцина се залудни – вели таа.
Бенџамин Ноуман, професор за биолошки науки од универзитетот „Тексас еј енд ем“, изјави дека постојаната мутација за коронавирусот значи само дека за вакцината ќе бидат потребни периодични тестови и надградби.
– Инфлуенца вирусот постојано мутира со иста стапка на мутација како коронавирусот, но ние успешно се вакцинираме против оваа променлива опасност – вели Ноуман.