Писателот Роберто Савиано предупредува дека во време на пандемија мафијата само чека да ги фати несреќните луѓе во својата мрежа кои најтешко ќе бидат погодени од економските последици. А тоа ќе го сторат така што прво ќе им помогнат.
Мафијашките групи одвај чекаат колапс на италијанската економија за полесно да ги зграпчат работите, проценува авторот на книгата „Гомора“ во која опишува како работи неаполската мафија Камора.
Различните италијански мафии имаат големо влијание врз многу важни економски активности како што се градежништвото, отпадот, земјоделството, хотелиерството, ветроенергијата…
– Ако Европа не интервенира брзо, умножувањето на мафијашките пари што веќе се во оптек во Германија, Франција, Шпанија, Холандија, Белгија ќе биде надвор од контрола – рече Роберто Савиано.
Покрај снабдувањето со храна на најсиромашните слоеви на жителите во Неапол, мафијашите им наредија на заемодавците да ги отпишат каматите за своите должници.
– Зошто го сториле тоа? Во замена за услуга – вели Савиано, кој денес живее во Њујорк и е под полициска заштита откако ја објави „Гомора“ во 2006 година, па почнаа да му пристигнуваат смртни закани.
Услугите што мафијата ќе ги побара за возврат може да бидат гласови на избори или должникот ќе мора да се согласи, на пример, да се состави некој договор на негово име, објаснува Савиано.
Германскиот весник „Ди велт“ предизвика полемика во Италија, пишувајќи дека мафијата чека само да падне „дожд од пари од Брисел“, додека Берлин и Рим се расправаат околу финансискиот фонд со кој би им се помогнало на земјите кои се најтешко погодени од пандемијата.
„Ди Велт“ предупредува дека не е добро да се делат европски пари неограничено и без никаква контрола, но Савиано смета дека германскиот весник греши.