Австрискиот канцелар Себастијан Курц се изјасни за построги мерки за луѓето што се враќаат од одмор на австриските граници.
– Мораме построго да контролираме. Итно е потребно здравствените власти да обезбедат опсежна контрола – изјави Курц за дневникот „Естерајх“.
Тој рекол дека одговорноста е кај секој поединец да се придржува до сите мерки во рок од 48 часа да направи тест на коронавирус. Курц смета дека е значајно да се воведе тестирање директно на граница.
– Тоа го сметам за корисно, но тоа е во одговорност на здравствените власти. Здравстените власти мораат да бидат подобри во својата работа. Тоа се однесува пред се на спроведувањето тестови. Предолго трае додека луѓето ги добијат резултатите. Исто така мора мерката карантин побрзо да биде спроведена – објаснил тој.
Според него, актуелниот раст на бројот на новозаразени е загрижувачки. Тој се изјасни и за отворањето на училиштата.
– Целта е наставата да се одржи. Ако дојде до сомневање за можна зараза, тогаш во тие училишта би се спровеле тестирања на учениците. Евентуално затворање на училиштата треба за секое училиште поединечно да се оценува – нагласува австрискиот канцелар.
Австрија ја стави Хрватска во групата ризични региони, за кои важи мерката – по враќање во Австрија, неопходен е негативен ПСР тест. Предупредувањето за патување ќе стапи на сила во понеделник на полноќ.