Наскоро во Европа ќе почне вакцинацијата на децата против коронавирус. Европските земји најавуваат различни стратегии и нивниот успех ќе биде показател колку родителите се подготвени да ги вакцинираат своите деца.
– Вакцинирањето мора да им се претстави на децата како игра, како радосен момент во кој тие можат да се чувствуваат опуштено – рече Алесио Д’Амато, главен здравствен службеник во италијанскиот регион Лацио, каде што 15 декември е прогласен за Ден на вакцинација за децата во регионот.
Европската агенција за лекови (ЕМА) минатиот месец одобри употреба на помала доза на вакцината „Фајзер“ за деца на возраст од пет до 11 години, откако беше одобрена за стари лица во мај.
Датумот на започнување на вакцинацијата на децата варира, но повеќето земји со процедурата ќе започнат ден или два по пристигнувањето на првите пратки вакцини.
Малку е веројатно дека Белгија ќе започне со вакцинирање на помалите деца до почетокот на јануари, за да можат властите да подготват упатства.
Шпанија, која е една од највакцинираните земји во светот со повеќе од 90 отсто од вакцинираните постари од 12 години, ќе започне со имунизација на помладите на 15 декември.
Вакцинацијата на децата и младите кои несвесно може да пренесат ковид на ризичните групи се смета за еден од клучните чекори за борба против пандемијата. Во Германија и Холандија, децата сега го сочинуваат мнозинството од заразените.
Иницијативата за вакцинирање на децата се одвива паралелно со големиот бран на зарази во Европската Унија, на кој отпаѓа повеќе од половина од активните случаи во светот и половина од смртните случаи.
Околу 27 милиони деца на возраст меѓу пет и 11 години во ЕУ се подобни за вакцинација.
Во Франција вакцинацијата ќе биде достапна само за децата со прекумерна тежина и оние со сериозни здравствени проблеми.
Од германската советодавна комисија за вакцинација СТИКО велат дека сè уште не можат да дадат општа препорака за вакцинација поради недостиг на достапни податоци.
Се препорачува децата на возраст од пет до 11 години да се вакцинираат доколку веќе имаат постоечки здравствен проблем.
Некои здравствени власти не чекаат пратки на специјализирана опрема, туку ги вакцинираат децата со третина од дозата на вакцина за возрасни.
Првите 9.200 датуми за вакцинација беа понудени во Виена минатиот месец и сите беа резервирани за неколку дена.
Данска го следеше австрискиот пример и на 28 ноември рече дека нема време за губење. По помалку од две недели, дури 49.000 деца на возраст од пет до 11 години ја примиле првата доза од вакцината, што сочинува околу 13 отсто од децата во таа возрасна група.