Вештачката интелигенција беше во можност да предвиди каде ќе дојде до зголемување на бројот на заболени од коронавирус во Велика Британија и во САД преку анализа на објавите на социјалните медиуми, тврди фирмата за откривање ризици со седиште во Њујорк, „Датаминр“, која го создаде овој софтвер, пренесува „Бизнис инсајдер“.
Според веб-страницата на компанијата, „зголемувањето на кластерите на очевидци на теренот, односно објавите на јавни социјални медиуми од прва рака за ковид-19“ му овозможува на нивниот алгоритам да открие потенцијални жаришта на заразата на седум до 15 дена пред експоненцијалниот раст на бројот на случаи на ковид-19“.
Анализираната содржина на социјалните мрежи вклучува „објави од луѓе што укажуваат дека биле позитивни на тестирањето, од оние што укажуваат дека се соочуваат со симптоми, луѓе што укажуваат дека биле изложени, но не биле тестирани, извештаи од прва рака на потврдени случаи“ и така натаму.
„Датаминр“ исто така тврди дека предвиде идни појави на ширењето на заразата во 14 различни американски сојузни држави.
– Се смета дека овие видови на објави се водечки показател за тоа каде бројот на случаите може да се забрза во иднина – рече извршниот директор на „Датаминр“, Тед Бејли, за „Бизнис инсајдер.