Белгија би можела да побара меѓународна помош поради огромното зголемување на бројот на заболени од коронавирус, како и на хоспитализираните, предупреди епидемиологот Пјер Ван Дам.
Во моментот, 6.000 пациенти заразени со корона се хоспитализирани во белгиските болници, а бројот на хоспитализации се удвојува на секои осум дена.
Само во средата, на 28 октомври, хоспитализирани се 743 лица, додека бројот на новоинфицирани за 24 часа надминува 18 илјади.
– Зголемувањето на инфекцијата со коронавирус и хоспитализацијата ги надмина обидите на владата да го спречи ширењето, а здравствената заштита во земјата може да пукне во рок од десет дена – предупреди Ван Дам.
Ван Дам, кој е професор по медицина на Универзитетот во Антверпен, додава дека Белгија ќе мора да ја распореди војската и да повика на меѓународна помош затоа што пандемијата на коронавирус продолжува да го турка националниот здравствен систем кон работ на колапс.
Федералниот министер за здравство Франк Вандербрук вели дека строгите мерки за затворање на земјата ќе мора да останат во сила повеќе од еден месец.
– Мерките што се во сила во моментов ќе треба да траат најмалку осум недели. Ќе бидеме долго во ова, ова е тежок маратон – заклучи Вандербрук.