Илјадници светски научници и здравствени експерти потпишаа изјава против повторно воведување на карантин.
Скоро 6.000 експерти веруваат дека таквата мерка може да има разорно влијание врз физичкото и менталното здравје на една личност, како и врз самото општество. Тие бараат заштитата да биде насочена кон најранливите групи и здравите луѓе да продолжат со животот, пишува Би-Би-Си.
Шеесет и шест матични лекари и голем број медицински лица кои имале важни позиции во британското медицинско друштво му пишале на британскиот министер за здравство за да му укаже на можните негативни ефекти од повторното воведување на карантин.
Движењето зад декларацијата против карантинот започна во САД, а декларацијата досега ја потпишаа скоро 6.000 научници и медицински професионалци ширум светот, како и 50.000 граѓани.
Експертите од Велика Британија кои ја потпишаа Декларацијата сметаат дека повторното воведување на карантин пред да станат достапни вакцините може да предизвика „непоправлива здравствена штета“. Тие велат дека стапките на вакцинација кај деца може да паднат и дека грижата за пациентите со заболувања на срцето или оние со рак може да се влоши.
Тие истакнуваат дека ризикот од зараза со коронавирус е 1.000 пати поголем кај болни луѓе или постари лица. Како што расте имунитетот на населението, потписниците на декларацијата веруваат дека ризикот од зараза се намалува за сите групи – вклучително и за критичните.
Декларацијата препорачува низа мерки за заштита на ранливите лица, вклучително редовно тестирање на вработените во старечките домови и препорачува испорака на намирници и други потреби за пензионерите што живеат дома.
Од друга страна, потписниците на декларацијата се залагаат за нормално функционирање на младите, предавање во училиштата и универзитетите, отворање на рестораните и одржување спортски и културни активности.
– Иако е добронамерна, декларацијата има длабоки етички, логистички и научни недостатоци – вели д-р Стивен Грифин, професор по медицина на Универзитетот во Лидс.
Грифин наведува дека ранливите доаѓаат од сите слоеви на општеството и заслужуваат да бидат еднакво третирани и дека долгорочните последици од коронавирусот се забележани и кај помладите луѓе кои имале лесни симптоми.
Симон Кларк, експерт за клеточна биологија на Универзитетот во Ридинг, предупредува дека сè уште не е познато дали воопшто е можно да се стекне колективен имунитет.
– За тоа, ќе ни треба природен и траен имунитет на ковид-19, и сè уште не знаеме колку е ефикасен или долготраен имунитетот што го стекнавме по инфекцијата – додаде тој.