Компанијата „Џонсон и Џонсон“ потврди дека побарала одобрување на вакцината против коронавирус од американските здравствени регулатори, додавајќи дека во следните недели ќе побара одобрување и во Европската Унија.
„Џонсон и Џонсон“ поднесе барање за одобрување на вакцината до Управата за храна и лекови на САД (ФДА) откако на крајот на јануари објави извештај дека нејзината вакцина е ефикасна во спречување коронавирусот во 66 проценти од случаите.
Тоа е вакцина со една доза, што може да го забрза снабдувањето со вакцини и да ја поедностави кампањата за вакцинација во САД. За разлика од вакцината на „Фајзер“, вакцината на „Џонсон и Џонсон“ не треба да се замрзнува за време на дистрибуцијата.
Пол Стофелс, главен научник на „Џонсон и Џонсон“, минатиот месец објави дека вакцината може да се дистрибуира во март.
– Откако ќе добиеме одобрение за нашата вакцина, подготвени сме да ја испратиме – рече Стофел.
Компанијата објави дека во следните недели ќе испрати барање за условно одобрување на вакцината и до Европската агенција за лекови.