Шпанскиот премиер Педро Санчез доби парламентарна поддршка за петто продолжување на вонредната состојба поради коронавирусот, но повторно со тесно мнозинство и по жестока дебата, која е само показател за длабоката политичка поделеност во Шпанија.

За продолжување гласале 177 пратеници во парламентот со вкупно 350 места.

Вонредната состојба, која трае од 14 март, сега е продолжена до 7 јуни.

Иако инфекцијата со коронавирус е придушена и дневната бројка на смртни случаи падна под 100, Санчез сака да ја одржи вонредната состојба дополнителни петнаесет дена во кои ќе може да се ограничи движењето на граѓаните и нивното собирање. Ова е неопходно со цел постепено и контролирано укинување на мерките за да не дојде до ново избивање на вирусот, тврди тој.

– Никој нема право да го уништи она што го постигнавме – рече Санчез во обраќањето пред парламентот.

Дополнителни 416 жители се детектирани како заразени денеска во Шпанија, така што вкупниот број на инфицирани се искачи на 232.555, што е за 0,18 проценти повеќе од претходниот ден. Регистрирани се и 95 нови смртни случаи, па бројот на починати од Ковид-19 сега изнесува вкупно 27.888.

Но, бавното отворање на земјата и економската неизвесност веќе ја зголемува фрустрацијата кај граѓаните. Во оваа насока се и обвинувањата на Пабло Касадо, лидер на конзервативната Народна партија, најголемата опозициска партија во парламентот, кој вели дека владејачките социјалисти одат предалеку во затворањето на жителите и компаниите.