Илјадници деца ширум Шпанија излегоа на улиците по 44 дена во карантин, бидејќи владата ја олесни мерката за ограничено движење на децата под 14 години. Ширењето на коронавирусот е пригушено, така што бројот на нови случаи е зголемен за 0,8 проценти во однос на претходниот ден, што е најниска стапка од избувнувањето на епидемијата.
Досега на децата им беше забрането да ги напуштат своите домови откако беше прогласена вонредна состојба во Шпанија на 14 март и беа воведени едни од најстрогите мерки во Европа. Сепак, игралиштата и парковите остануваат затворени и децата не смеат да играат заедно и треба да одржуваат минимално растојание од два метра меѓу нив.
Да излегуваат од дома им е дозволено само на возрасните и тоа само ако одат во продавница, аптека, болница, банка, бензинска пумпа или кратко да го шетаат кучето. На работа одат само оние во потребните професии како што се производство и дистрибуција на храна, електрична енергија и гас, како и градежни и индустриски работници.
Во петокот, Министерството за здравство ја смени методологијата за откривање нови случаи на коронавирус и сега користи само ПЦР тестови кои се сметаат за поверодостојни од другите.
Шпанскиот премиер, Педро Санчез, во телевизиското обраќање во саботата навечер изјави дека жителите ќе можат индивидуално да спортуваат или да шетаат во парови со друг член на домаќинството од 2 мај доколку ситуацијата продолжи да се развива позитивно.
Во последните 24 часа се потврдени 1.729 нови случаи на Ковид-19 во Шпанија, што претставува зголемување за 0,8 проценти од претходниот ден, а во земјата се заразени 207.634 лица. Од нив, 98.732 се излечени.
Шпанија е земја со најголем број случаи во Европа, по Италија.
Бројот на смртни случаи е 23.190, со што Шпанија е на трето место во светот по бројот на починати од вирусот, по САД и Италија.