Разузнавачите со недели ја известуваа Белата куќа дека Кина ги прикрила официјалните бројки од ширењето на коронавирусот и за настанатата штета од пандемијата
Автор: Џулијан И. Барнс
Њујорк тајмс
ЦИА ја предупредила Белата куќа уште од почетокот на февруари дека Кина сериозно ја прикрила бројката од заразени со коронавирусот и дека не треба да се потпре на тие податоци затоа што самите САД располагаат со предвидувачки модели за борба против вирусот, како што велат актуелни и поранешни разузнавачи.
Разузнавачките брифинзи во изминатите недели, базирани делумно на информациите на агентите на ЦИА во Кина, одиграа важна улога во четвртокот во преговорите на претседателот Трамп за очигледното намалување на тензиите со кинескиот претседател Си Џинпинг. Оттогаш двете држави дополнително ги разгореа меѓусебните критики.
Добивањето на попрецизна бројка за кинеската стапка на инфицирани и починати од вирусот има последици врз светското јавно здравство во време кога постои голема неизвесност околу вирусот за брзината на пренесување и други суштински прашања. За американските власти, бројките се од клучна важност за да се открие како ковид-19 ќе влијае врз САД во наредните месеци и колку се ефикасни мерките против заразата, како што е социјалното дистанцирање, соопштуваат американските разузнавачки агенции и претставници на Белата куќа.
Досега, за жал на Белата куќа и разузнавачката заедница, агенциите не успеаја да добијат попрецизни бројки преку нивните заеднички напори. Но американските разузнавачки агенции заклучија дека кинеската влада сама не ги знае размерите на вирусот и подеднакво е во мрак како и остатокот од светот. Бирократите од средните ешалони во Вухан, од каде вирусот почна да се шири, и други места во Кина лажеа за стапките на заразеност, тестирањето и смртноста, од страв дека ако пријават висока бројка ќе бидат казнети, ќе ја загубат работата или ќе ги снајде полошо, како што велат актуелни и поранешни разузнавачи.
Бирократското погрешно информирање е хроничен проблем за секоја влада, но стана полошо во Кина кога комунистичката власт зазеде поавторитарен став во изминатите неколку години под водство на Си.
Никаде не постои целосна слика за вирусот поради фактори надвор од владина контрола, меѓу кои недостиг на тестови, различни мерни стандарди и асимптоматски инфекции кои се јавуваат еднаш на четири случаи со коронавирус. Иран ја прикри својата борба против пандемијата, а Италија е водечка во светот со над 13.000 смртни случаи, затоа што многу лица починаа надвор од болниците. САД заостануваат во тестирањето зад многу други држави.
Но од јануари, претставници на Белата куќа почнаа да се сомневаат во кинеските бројки и побараа од ЦИА и другите разузнавачки агенции да го стават на приоритетната листа прибирањето на информации од Кина.
„Блумберг њуз“ први известија за процените на ЦИА дека Кина дава погрешни информации за дијагностицираните и смртните случаи од вирусот. Официјални претставници дадоа мала важност на откритијата во разузнавачкиот извештај испратен минатата недела до Белата куќа, во кој се вели дека ЦИА со недели ги предупредувала владините претставници во Белата куќа да не им веруваат на бројките кои Пекинг ги предава на СЗО.
Тврдењата на американското разузнавање потекнуваат од извештаите во кинеските медиуми според кои во Вухан починале 5.000 и повеќе лица, што е двојно од официјалните бројки. Разузнавачите не ги потврдија медиумските извештаи и ги изоставија во своите документи, како што велат инволвираните лица.
Американските претставници апелираа дека дури и со нивните извори, многу од предупредувањата на разузнавачките агенции до Белата куќа, од почетокот на појавата на епидемијата, беа многу слични со новинарските извештаи во кои постојано и обемно известуваа за епидемијата во Кина и напорите на кинеската влада да го цензурира известувањето за ширењето на вирусот.
Кина ги пофали своите драстични мерки на ограничување на движењето, меѓу кои и карантинот на речиси 60 милиони лица, во намалувањето на новите случаи во изминатите неколку недели, но многумина надвор од владата изразија загриженост дека бројките не се целосни.
На пример, Кина не го пријави бројот на регистрирани асимптоматски случаи, затоа што околу 25 отсто од лицата кои се заразиле со вирусот не добиле симптоми, како што изјавија од Центрите за контрола и спречување на болести.
Тензиите меѓу Вашингтон и Пекинг се зголемија откако вирусот се рашири надвор од Вухан и пристигна во САД, поради што мораа да бидат затворени големи делови од економијата за заразата да се стави под контрола.
Кинеските дипломати ширеа дезинформации, меѓу кои лажни извештаи дека вирусот потекнал од лабораторија на американската војска, како и други теории на заговор. Трамп возврати со тоа што ковид-19 го нарече „кинески вирус“, а државниот секретар Мајк Помпео намерно го изврти меѓународното соопштение за да обележи дека вирусот потекнува од Кина.
Но по разговорот меѓу Си и Трамп минатата недела, настапи своевиден мир. Иако кинеските медиуми продолжија да шират теории на заговор, најистакнатите кинески дипломати беа умерени во коментарите.
Превод: Билјана Здравковска