Француските власти ќе ангажираат 12.000 полицајци кои ќе се грижат за почитување на мерките за време на карантинот и полицискиот час што се воведува во земјата.
Ноќниот полициски час ќе стапи на сила во Париз и во осум други градови во Франција од вечерва, што ќе влијае на околу 20 милиони граѓани. Сепак, ќе бидат дозволени одредени исклучоци, како што се џогирање и шетање на кучињата, јави Би-би-си.
Полицискиот час ќе важи помеѓу девет часот навечер и шест часот наутро и ќе важи најмалку еден месец. Рестораните, кафулињата и кината ќе можат да работат до 21 часот, а на иста маса ќе може да вечераат максимум шест лица.
За време на полицискиот час, граѓаните ќе можат да излегуваат надвор за џогирање и да ги носат кучињата на прошетка, но ќе им биде потребна дозвола. Предвидена е глоба од 135 евра за кршење на мерките, а за повторување на прекршокот, сторителите може да се соочат со казна затвор од шест месеци и парична казна од 3.750 евра.