Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, вели дека поради коронавирусот граѓаните треба да почекаат со планирањето на летниот одмор.
– Би ве советувала да почекате со таквите планови. Во моментов никој не може да направи сигурни прогнози за јули и август – рече Фон дер Лејен во интервју за германски „Билд“.
Таа е скептична во врска со одлуката на германската влада на клиентите за патувањата кои се откажани поради пандемијата, да им се издаваат ваучери во вредност на платениот аранжман.
– Низ цела Европа, луѓето, правно гледано, имаат можност да изберат дали сакаат враќање на парите или да им дадат ваучери – објасни Фон дер Лејен.
Сепак, таа ги повика клиентите на туристичките агенции, кои немаат финансиски проблеми, да се откажат од своето право.
– Во оваа криза потребна е солидарност од сите. Ако некој е финансиски способен да не бара поврат, туку да земе ваучер, тогаш тоа би било добро за туристичките агенции за да ги надминат овие тешки недели – порача претседателката на ЕК.