Администрацијата за храна и лекови на САД (ФДА), која треба да ја одобри употребата на вакцината на „Фајзер“, објави извештај за голема клиничка студија спроведена над 44.000 лица од САД, Бразил и Аргентина, во која се вели дека првата корист од вакцината се забележува веќе 10 дена по приемот на првата доза.
Во извештајот на 100 страници се вели дека вакцината е ефикасна без оглед на возраста, расата и телесната тежина, а единственото нешто што не е јасно е колку трае заштитата, што дополнително ја нагласува потребата од втора доза, пишува „Њујорк тајмс“ за извештајот на ФДА.
Претходните студии покажаа дека втората доза од вакцината на „Фајзер“ и „Бајоентек“ му дава на имунолошкиот систем големо долгорочно зајакнување, ефект познат кај многу други вакцини.
Студијата не откри сериозни несакани ефекти, но многу испитаници се пожалија на треска, главоболка, чувство на студ, замор, болка во мускулите и зглобовите, а голем број на испитаници исто така имаа реакција на местото каде што примиле вакцина.
Анализата на вакцината на „Фајзер“ открива дека многу испитаници не се чувствувале добро првите неколку часа по примањето на втората доза на вакцината, што значи дека некои луѓе би можеле да побараат слободен ден, односно да побараат одмор од неколку часа по приемот на втората доза на вакцината.
Вакцината се покажа подеднакво ефикасна кога ја примаат и мажи и жени, и кога ја примаат бели, црни или латино луѓе, како и дебели луѓе за кои се верува дека имаат висок ризик од развој на корона.
Студијата не откри дали вакцината обезбедува заштита од пренесување на вирусот на други, или како таа влијае на одредени ризични групи на луѓе, како што се деца на возраст под 16 години, бремени жени и имунокомпромитирани лица.
Бидејќи во истражувањето не учествувале доволно луѓе од споменатите групи, се претпоставува дека ФДА најверојатно нема да даде итно одобрување за давање вакцина на овие групи на луѓе.
Доколку ФДА ја одобри вакцината, истражувањето ќе продолжи, а компанијата ќе ги охрабри луѓето да останат во него што е можно подолго, се вели во извештајот.