Нема индиции дека бегалецот од Северна Кореја, кој се врати во таа земја, е заразен со коронавирус, соопштиле здравствените власти од Јужна Кореја.
Претходно во Пјонгјанг беше објавено дека човекот кој ја преминал границата меѓу двете земји би можел да биде првиот случај на инфекција со вирусот на Северот.
Јужнокорејските власти го идентификувале 24-годишниот маж, кој одговара на описот и кој најверојатно неодамна се вратил на Север, но не го именуваат.
„Тоа лице не е регистриран како пациент заболен од ковид-19, ниту како контакт со заразено лице“ рекол висок јужнокорејски здравствен претставник.
Тој додал дека се тестирани две лица кои биле во контакт со бегалецот и дека двете биле негативни.
Севернокорејската државна агенција КЦНА пренесе вчера дека лицето кое побегнало во Јужна Кореја, но неодамна се вратило на Север, е прв случај на коронавирус во оваа земја, по што лидерот Ким Јонг-ун воведе вонредна состојба и во карантин го стави пограничниот град Каесонг.
Пјонгјанг не прецизира дали бегалецот е позитивен на коронавирус, наведувајќи само дека има симптоми на заразата.