Извршниот директор на „Астра зенека“ порачува
Зголеменото ниво на Т-клетки би можело да им понуди подобра имунолошка слика и поголема заштита од вирусот на оние кои ја примиле вакцината на „Астра зенека“, истакна извршниот директор на компанијата Паскал Сорио, во изјава за „Би-би-си“.
– Сите се фокусираат на антителата, но тие со текот на времето се намалуваат. Затоа,
одговорот на Т-клетките останува важен. Штом вирусот ве нападне, Т-клетките се будат и доаѓаат да ве бранат. Но, на овие клетки им треба малку време за да се активираат и да почнат со одбраната од вирусот – додава Сорио.
Тој посочи дека иако Велика Британија има голем број на заразени, нивниот број на хоспитализации не е толку голем во однос со бројот во Европа.
– Во Европа луѓето првично мислеа дека вакцината на „Астра зенека“ не делува кај постарите луѓе – вели Сорио.
Германија беше првата земја која во јануари ја прекина вакцинацијата со „Астра зенека“ на лица постари од 65 години, а како причина го наведе недостатокот на податоци за нејзината ефикасност кај оваа возрасна група, како и ризиците за згрутчување на крвта кај вакцинираните. Примерот на Германија го следеа и други европски земји, главно Италија, Франција, Полска и Шведска, но подоцна тие го сменија ставот кон оваа вакцина, по објавувањето на дополнителни податоци за нејзината ефикасност.