Светската здравствена организација (СЗО) ги повика Европејците да носат маски на семејните божиќни собири, објави Би-би-си.
Со оглед на тоа што стапката на пренесување на коронавирус во Европа останува висока, СЗО предупредува на висок ризик од нов бран на почетокот на 2021 година.
Земјите низ европскиот континент бележат илјадници нови случаи и стотици смртни случаи секој ден.
СЗО ги повикува поединците, семејствата и заедниците да покажат одговорност на прославата на Божиќ и со своето однесување да придонесат за спречување на друг бран на коронавирус.
– Можеби е невообичаено да носите маска и да одржувате физичко растојание кога сте во кругот на семејството и пријателите, но со тоа значително придонесувате сите да бидат здрави и безбедни – соопшти Европската канцеларија на СЗО.
Во меѓувреме, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, објави дека првата вакцина против ковид-19 ќе биде одобрена за една недела.