Фото: Принт-скрин

Протестите против превентивните мерки и вакцинацијата се одржуваат низ повеќе држави ширум светот. За време на собирот во холандски Ротердам дојде до судир помеѓу полицијата и незадоволните граѓани, а илјадници излегоа на улиците за да искажат револт и во Виена. Беа организирани протести и низ повеќе австралиски градови, а имаше и контрапротест во Мелбурн со цел за поддршка на процесот на вакцинација.

Во Виена протест против заклучување и задолжителна вакцинација

Еден ден откако австриската влада одлучи да воведе карантин за сите граѓани и задолжителна вакцинација од 1 февруари, противниците на ковид-мерките организираа протести во центарот на Виена.

Илјадници луѓе се собраа во центарот на градот, на неколку локации, а најголемиот собир беше на плоштадот „Хелденплац“, каде на протест повика австриската Партија на слободата (ФПО).

Меѓу насобраните беше и еден од првите „антиваксери“, Мартин Рутер, кој рече дека мерките веќе немаат никаква врска со демократијата и дека нема да се дозволи наметнување вакцина.

Собирот го обезбедуваат 1.300 виенски полицајци, кои го контролираат носењето маски, бидејќи учесниците, според важечките епидемиолошки мерки, треба да носат ФФП2 маски.

Во пресрет на собирите, полицијата предупреди на можно учество на екстремни десничари, што веќе се случи на претходните протести во првата половина од годината.


По хаосот во Ротердам, откажан протестот против мерките во Амстердам

Протестот против епидемиолошките мерки закажан за денеска во Амстердам е откажан по насилството што изби синоќа во Ротердам, соопштија организаторите.

Протестот против епидемиолошките мерки и делумното затворање ескалира синоќа во центарот на Ротердам во бунт во кој беа повредени најмалку седум лица, меѓу кои и полицајци, а неколку десетици лица беа приведени. Причинета е и голема материјална штета, пренесоа агенциите.

Организаторите затоа заклучија дека одржувањето на денешниот протест во Амстердам не би било соодветно.

Насилството во Ротердам го осуди министерот за безбедност и правда Ферд Граперхаус. Граперхаус рече дека е извршено екстремно насилство врз полицијата, итните служби и пожарникарите и најави темелна истрага за полициската употреба на оружје, пренесуваат агенциите.

Градоначалникот на Ротердам Ахмед Абуталеб ги опиша настаните како оргии на насилство. Полицијата во Холандија ретко користи огнено оружје.

Холандскиот министер за правда рече дека целни напади биле извршени врз полицајци, пожарникари и новинари. Неколку стотици полицајци дојдоа од целата земја во тој пристанишен град за да помогнат во воспоставувањето на редот. Полицијата околу 1 часот и 30 минути известила дека ситуацијата конечно е под контрола.


Илјадници излегоа на протести против вакцинацијата во Австралија

Неколку илјади луѓе излегоа денеска на улиците во Австралија за да протестираат против обврската да се вакцинираат против ковид-19, додека помали групи се собраа да ги поддржат мерките што ја направија земјата една од оние со највисока стапка на вакцинација во светот.

Речиси 85 отсто од Австралијците постари од 16 години се целосно вакцинирани против коронавирусот.

Иако вакцинацијата во земјата е доброволна, сојузните држави и територии ја пропишаа како обврска за многу професии и занимања и забранија одредени активности за невакцинираните, како што се јадење во ресторани или одење на концерти.

Извикувајќи „Слобода, слобода“ и носејќи знаци на кои пишува „Стоп за сегрегацијата сега“, неколку илјади противници на вакцинацијата маршираа низ центарот на Мелбурн, вториот најнаселен град во Австралија, најтешко погоден од пандемијата.

Демонстранти се собраа и во Сиднеј, Бризбејн и други градови, но нема извештаи за инциденти. Еден натпис во Сиднеј гласеше: „Мојот живот не е владин, туку дар од Бога“, пренесуваат локалните медиуми.

Движењето против вакцинација, сепак, останува мало, па така анкетите покажуваат дека противењето на државно ниво има едноцифрена поддршка.

Контрапротест, на кој присуствуваа неколку стотици луѓе, се одржа во Мелбурн, а бил организиран од групата Кампања против расизмот и фашизмот под слоганот „Не биди шуга, прими ја вакцината“.