Европскиот комесар за единствен пазар, Тиери Бретон, во интервју за неколку француски медиуми го презентира европскиот здравствен сертификат за вакцинација против коронавирусот, кој ќе им биде достапен на граѓаните од 15 јуни, но додаде дека нема да биде задолжителен.
– Знаеме како ќе изгледа идниот здравствен сертификат, кој ќе биде достапен од 15 јуни. Тоа ќе биде документ со информации за вакцинација и антитела развиени против коронавирусот – рече Бретон.
Тој посочи дека сертификатот треба да биде достапен во дигитална верзија или на хартија и дека треба да го издадат министерствата за здравство на земјите од Европската Унија.
Сертификатот или пасошот, како што го нарекуваат некои медиуми, ќе има информации за државјанството, видот на вакцината и антителата.
– Документот ќе ги содржи вашето име, презиме, датум на раѓање, државјанство, број на пасош проверен со кјуар-код, без разлика дали сте биле вакцинирани или не, видот на вакцината и дали сте биле носител на вирусот – рече Бретон, кој на француските новинари им ја покажа верзијата на сертификатот.
Бретон рече дека постои можност документот, иако не е задолжителен, да биде препорачан за патување со авион, учество во важен настан или влегување на јавно место. Во отсуство на тој документ неопходен е негативен тест на коронавирус.