Граѓаните треба да бидат внимателни и да не купуваат онлајн какви било лекови што во моментов се присутни на интернет како наводна терапија против ковид-19
Пандемијата на коронавирусот донесе и своевидна поплава на интернет и на социјалните мрежи на реклами за лекови од сомнителни извори што, наводно, помагаат во лекувањето на болеста или, во најмала рака, не дозволуваат граѓаните да заболат од вирусот.
Сите вакви објави на интернет за наводен лек против коронавирусот, според докторите и фармацевтите, може да се третираат како дезинформации на одредени центри што сакаат да профитираат на стравот на нашите граѓани од заоблувањето.
Фармацевтката Олга Равњак вели дека конкретен лек и вакцина за ковид-19 не постојат, па, оттука, граѓаните не треба да купуваат онлајн какви било лекови што во моментов се присутни на интернет.
– Многумина ја користат паниката кај граѓаните за свое лично профитирање. Граѓаните треба да знаат дека треба да ги почитуваат препораките на надлежните. Ако во кој било момент се посомневаат и ги имаат симптомите, треба да се јават кај својот матичен лекар и да ги опишат состојбите – вели Равњак.
Фармацевтката објаснува дека кога во јавноста проструија некои информации поврзани со наводно успешен третман на заболувањето, граѓаните панично се јавувале во аптеките да набават и се распрашувале дали има доволно резерви.
Таа советува дека правилен чекор во ваквите состојби е да се следат единствено препораките на надлежните, бидејќи само на тој начин безбедно ќе се надминат состојбите.
– Употребата на лекови и како да се земат треба да се остави во рацете на лекарите што ќе го пропишат тоа, бидејќи тие во овој момент се во првата борбена линија за поразување на заболувањето – заклучува Равњак.
Докторот Дејан Филиповиќ, специјалист демратовенеролог, вели дека е факт оти во јавноста и на интернет сега има многу профитери што во овие моменти сакаат да заработат на стравот на граѓаните, продавајќи сомнителни лекови што наводно го лекуваат ковид-19.
Тој појаснува дека на сите треба да им биде јасно дека до овој момент нема лек за ова заболување, а доколку имаше, тоа со сигурност ќе го соопштеа државните власти на нашата земја, но и на светската заедница.
Филиповиќ вели дека овие надрилекови, кои очигледно се рекламираат на интернет, треба да бидат третирани само како лажни вести, а граѓаните вистинските препораки како да се однесуваат и лекуваат за време на кризата треба да ги координираат со медицинскиот персонал и систем на Македонија.
Докторот вели дека на интернет се продаваат и многу напивки што го надградуваат имуниот систем на човекот и додава дека и овие работи требаат да се земаат со доза резерва.