Почнувајќи од денеска, ако полицијата на Лос Анџелес утврди дека се одржуваат големи собири за забави на некои имоти, ќе побара од градската управа да им ги исклучи водата и струјата. Ваквите рестрикции би траеле два дена, пренесува Си-ен-ен.
Градоначалникот на Лос Анџелес, Ерик Гарсети, соопштил дека службениците на полицијата можат да побараат да се исклучат струјата и водата на имоти каде што често се одржуваат големи собири.
– Ова извршување не е насочено кон мали и обични собирања во домовите на луѓето. Тоа е насочено кон луѓето решени да ги прекршат правилата и со тоа да предизвикаат опасност и да бидат закана по здравјето за сите нас – објаснил Гарсети за време на прес-конференцијата наменета за борба со ковид-19, на почетокот на неделава.
Гарсети ги нарече овие забави „настани за брзо ширење на вирусот“.
– Целта е, во иднина, да ги одвратиме луѓето од забави и од собири во голем број, во период на пандемија кога Калифорнија и натаму е на врвот по бројот на случаи на коронавирус во САД – истакна Гарсети.