За време на криза, успешните лидери го прифаќаат предизвикот, но наместо да го стори тоа, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, која стигна во Брисел во 2019 година од германското министерство за одбрана, ја нема никаде, пишува „Политико“ во колумната насловена „Обвинете ја Фон дер Лејен“, која се осврнува на нејзината улога во оспоруваната кампања за вакцинација во Европската Унија.
Таа можеби е во седиштето на Европската комисија, но не покажа намера за јавно да се обрати и да преземе одговорност за нередот што го создаде.
– Забележавме добар напредок – инситираше Фон дер Лејен за време на телевизиско интервју во неделата.
Оние што застанаа во нејзина одбрана во поглед на кампањата за вакцинација во Европската Унија, ги посочуваат контактите на ЕУ со големите фармацевтски компании, ги бранат бавните протоколи за одобрување на лековите од страна на Европската медицинска агенција и се жалат на малиот обем на производство на вакцините во Европа.
Ништо од тоа не ја менува едноставната реалност во која за време на криза Фон дер Лејен донесе одлуки кои нанесоа штета на кампањата за вакцинација и на кохезијата во ЕУ.
– Нејзината најкритична грешка се случи летоска за време на преговорите со фармацевтските компании. Во однос на САД кои дојдоа со 10 милијарди долари на преговорите, Фон дер Лејен се обидуваше да им понуди „ситно“ на производителите на лекови. Ако некогаш постоше миг во кој ЕУ требаше да „фрла пари“ тоа беше тој миг. Но Фон дер Лејен им пристапила на разговорите со фармацевтските компании како да преговара за трговски договор, дури и ставајќи искусен преговарач на чело на тимот. Покрај ниската цена, Европа инсистирала фармацевтските компании да бидат правно одговорни во случај на проблеми – се наведува во анализата на „Политико“.
Како резултат на ваквиот пристап, беа потребни месеци за постигнување договор, со што Европа остана зад САД, Обединетото Кралство и Израел во редот за вакцини. Фон дер Лејен, сепак, ги смета напорите на Европската комисија за успешни. Но развојот на настаните во изминатите неколку недели укажува на поинаков исход. Кога Обединетото Кралство објави дека имунизирало 15 отсто од населението, а САД осум отсто, повеќето држави во ЕУ не успеваа да ја пробијат границата од три отсто.
Европската комисија се обиде да го ограничи и увозот на вакцини произведени во Европа од страна на „Астра зенека“ во Обединетото Кралство, што предизвика негодување, па Фон дер Лејен мораше да го смени курсот, заклучува „Политико“.