За милиони пациенти кои го прележале коронавирусот, таканаречениот „долг ковид“ и понатаму претставува проблем. Тие чувствуваат исцрпувачки симптоми, вклучувајќи замор и отежнато дишење. Неизвесноста кога и дали воопшто ќе заврши оваа нивна состојба, кај прележаните пациенти предизвикува очајување, пренесува „Политико“.
Иако научниците се обидуваат да најдат третман за оваа состојба, тоа изгледа како да барате игла во сено, бидејќи причинителот засега е недостижен. Новиот делта-сој е уште еден загрижувачки фактор во потрагата по лек, бидејќи вакцините навидум имаат помал ефект врз истиот.
Досега не е потврден третман кој е фокусиран на искоренувањето на „долгиот ковид“, а токму тоа научниците сакаат да го променат. Во мај, Европската комисија најави дека ќе го забрза истражувањето за состојбата и развојот на можни третмани. Комисијата тогаш вети изнаоѓање на пет лекови за третман на ковид-19 до крајот на годинава, но не прецизираше дали некој од овие лекови се однесува на „долгиот ковид“.
Едно од испитувањата, „СТИМУЛАТ-ИКП“, ќе ја спореди ефикасноста на три различни третмани: антикоагулантен „ривароксабан“, антиинфламаторниот лек „колхицин“, и антихистаминска комбинација на „фамотидин“ и „лоратадин“. Двегодишното истражување треба да почне наесен, а резултатите се очекуваат во рок од шест месеци.
– Постојат рани докази за ефикасноста на сите три лекови, кои досега се ветувачки – изјави Амитава Банерџи, кардиолог и професор по наука за клинички податоци на Универзитетскиот колеџ во Лондон, кој ја надгледува студијата.
Друго, одделно испитување, „ХИАЛ-КОВИД“, е фокусирано на лекови кои можат да спречат долгорочни проблеми кои настануваат кај пациентите, кои се најмногу изложени на ризик од сериозни компликации предизвикани од болеста, како што е оштетувањето на бубрезите.
Некои спасот го бараат во сосема друга насока, како што се научниците од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, кои се обидуваат да создадат третман од Ашваганда, популарна лековита билка која се користи за лекување на голем број болести во традиционалната индиска медицина.
– За научниците, најголемиот предизвик сѐ уште претставува главниот причинител на долгиот ковид. Досега, стандардните медицински тестови не го открија основниот причинител – рече Греам Брнс, лекар за респираторна и општа медицина од Њукасл.