Група научници од британскиот универзитет во Кардиф ги повикаа колегите да испитаат што е можно поскоро дали растворите за плакнење на устата може да го намалат пренесувањето на коронавирусот во раните фази на инфекција.
Во експериментите и ограничените клинички студии, се покажало дека одредени средства содржат познати вирусидни соединенија кои ефикасно ги таргетираат липидите кај слични „обложени“ вируси. Коронавирусите припаѓаат на таканареченото семејство „обложени вируси“, што значи дека се обложени со масен слој, познат како двослоен липид, пишува „Индипендент“.
Но, иако британските експерти повикуваат на итно истражување за да се провери ефективноста на флуоридските средства, во моментов нема веродостојни клинички докази што ќе укажат на нивната ефикасност. Тие велат дека сè уште не е познато дали постојните средстваможат активно да дејствуваат против липидната мембрана на Сарс-Ков-2.
Во февруари, Светската здравствена организација (СЗО) на тврдењата дека плакнењето на усната шуплина со раствор на флуорид може да нè заштити од инфекција со коронавирус одговори дека „нема такви докази“.
„Некои брендови на вода за плакнење на устата успеваат да елиминираат одредени микроби од плунката за неколку минути, но тоа не значи дека ќе ве заштити од инфекција на ковид-19“, тврдеа од СЗО.
Но, истражувачите од Универзитетот во Кардиф, заедно со колегите од универзитетите во Нотингем, Колорадо, Отава, Барселона и Институтот Бабрахам во Кембриџ, откриле дека испирањето на усната шуплина сепак успеало да ја оштети коронавирусната липидна мембрана и со тоа најверојатно да се намали стапката на инфекција.
„Професионалната литература што досега ја проучувавме сугерира дека треба да се спроведат дополнителни истражувања за да се утврди потенцијалот на овие средства“, велат научниците.