Германската канцеларка Ангела Меркел денес изјави дека Европа е на тенок мраз во борбата против коронавирусот, бидејќи заразниот сој делта се заканува да го поништи напредокот постигнат во намалувањето на инфекциите.
Во обраќањето до парламентот, Меркел рече дека понатамошниот одговор на пандемијата ќе биде главна тема на дискусија на денешниот состанок на лидерите на Европската Унија во Брисел, пренесуваат агенциите.
Таа истакна дека бројот на новозаразени случаи со ковид-19 во европскиот блок од 27 члена продолжува да опаѓа, додека стапката на вакцинација се зголемува.
– Сепак, иако има причина за надеж, пандемијата не е завршена, особено во сиромашните земји во светот. Но, исто така, во Германија и Европа, ние сè уште се движиме по тенок мраз. Треба да бидеме претпазливи. Особено новоформираните соеви, особено сега со новиот делта-сој, тоа е предупредување за нас да продолжиме да бидеме внимателни – рече Меркел.
Во Германија, видот делта сега сочинува околу 15 проценти од новите случаи, според германската агенција за контрола на болести.
Германија инсистира на тоа земјите од ЕУ да договорат единствен став за карантин за патниците кои доаѓаат од области во кои доминантните соеви предзвикуваат голема загриженост. Ова се однесува на Англија, каде што делта-сојот, првпат откриен во Индија, веќе ги сочинува повеќето новозаразени случаи.