Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејезус на денешната прес-конференција рече дека „Ковакс“ утре ќе објави список за дистрибуција на вакцини по земјите што аплицирале за оваа програма.
Д-р Брус Ајлвард, советник на извршниот директор, рече дека оваа недела 15 земји, од кои 14 се од Африка, ќе добијат вакцини преку системот „Ковакс“.
– Истиот број земји ќе примат вакцини следната недела. Важно е да се каже дека вакцините во моментов се испраќаат до земјите кои се подготвени и за кои се подготвени пратките – рече Ајлвард.
Во исто време, СЗО соопшти дека вакцините од „Астразенека“ ќе бидат испратени до земјите со подготвена документација и дека наскоро се очекува вклучување на вакцините на „Џонсон и Џонсон“ и „Новакс“ во системот „Ковакс“.