Индија денеска почна со ублажување на рестриктивните мерки воведени поради сузбивање на коронавирусот, со отворање на малите продавници.

На голем дел од 1,3 милијарди жители во оваа земја таквите продавници им се главно место за снабдување. Но, одлуката има огромни празнини бидејќи не важи за стотина населби кои се најтешко погодени од пандемијата, кои како жариште и натаму остануваат во карантин.

Големите трговски центри остануваат затворени во целата земја.

Индија минатата недела ја укина забраната на работата на индустријата и земјоделството, за да ги ублажи економските потешкотии на милиони луѓе, кои беа без можност за заработка од воведувањето на целосната забрана за движење во целата земја од 24 март.

Индијците од тогаш можеа да излезат само заради купување храна и лекови или одење на лекар. Тие мерки истекуваат на 3 мај.
Епидемијата на коронавирусот претставува голем проблем за Индија, која има многу сиромашни, а густо населени места.

Заразата со коронавирус е потврдена кај над 24.500 луѓе, од кои 780 починаа.