Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лејен изрази поддршка за иницијативата на грчката влада да им се овозможи слобода за патување на вакцинираните против ковид-19, и повика на воведувањето на сертификат за вакцинација низ земјите на ЕУ. Предлогот за давање на привилегии на оние што ќе се вакцинираат добива поддршка во Европа, во пресрет на клучниот состанок на европските лидери.
Предвидено е европските лидери преку видео-конференција в четврток да дискутираат за воведувањето на т.н. „вакцина-сертификат“, чии носители би можеле да патуваат слободно. Дел од дипломатите, сепак, се претпазливи во однос на предлогот, поради можноста за негово одбивање, како и поради евентуалните ограничувања на слободата на движење кои би биле незаконски. Засега единствено Романија јавно се спротивстави на предлогот. Воведувањето на вакцина-сертификатот веројатно нема да се случи брзо, бидејќи процесот на вакцинација во ЕУ се одвива со бавно темпо, а вакцините уште не се достапни за сите во европскиот блок.
– Ние сме во активни разговори со земјите-членки за признавање на сертификатите за вакцинација, исто како што работиме на признавањето на тестовите. Ова е важно прашање за овозможување слободно движење во ЕУ – изјави Стефан де Кирсмакер, портпаролот за транспорт и здравство на Европската комисија.
Европската комисија треба да достави и предлог за сертификатот за вакцинација, а се очекува лидерите во текот на претстојната видео-конференција да побараат и забрзување на процесот на вакцинација и на производствените капацитети.
Веќе се почнува со воведувањето на апликации кои можат безбедно да чуваат здравствени информации како што се резултатите од тестирањето, статусот на вакцинација или потврда за прележан ковид-19, кои би можеле да бидат користени од авиокомпаниите за забрзување на транзитот на патниците.