Како што вирусот се шири низ светот, залихите на заштитни маски, вентилатори, клинички термометри и медицинска заштитна опрема се намалуваат, со што почна глобален лов на неопходните ресурси, пишува „Шпигел“. Тоа доведе до појавата на скап пазар во кој повеќето од вообичаените правила не важат или се напуштени и заменети, во ситуација што наликува на „законот на џунглата“.

Медицински производи во вредност од 546 милијарди евра беа продадени ширум светот во изминатата година. Според извештај на Светската трговска организација, 10-те држави со најголема купувачка моќ склучија три четвртини од овие зделки. Иако уште нема официјални податоци за тековната состојба, извесно е дека побарувачката е зголемена во првите три месеци годинава.

„Јади или ќе бидеш изеден“ во тоа се состои корона-капитализмот на 2020 година. Околу 60 држави воведоа ограничување на извозот на медицинска опрема. Бројот на произведувачи на маски се зголеми безмалку двојно од почетокот на февруари, на вкупно 7.000. Нивното производство се зголеми за фактор 12, но ниту тоа не е доволно.

– Измамниците виреат во вакви времиња – се пожали Николас Дучене, водечкиот човек на јужноафриканска компанија која ја снабдува државата со медицинска опрема во изминатите 20 години, додавајќи дека досега не наишол на пазар во ваква „луда состојба“.

Кариологот Фабио Вилјаш-Боаш, министерот за здравство на бразилската сојузна држава Баија, посочува дека пред избивањето на пандемијата, цената на еден вентилатор била околу 7.000 долари. За негова нарачка која никогаш не стигнала, била договорена цена од 18 илјади по вентилатор. Неколку недели подоцна, цената пораснала до 25 илјади, а тој смета дека кога вирусот ќе стигне до државите како Саудиска Арабија или Дубаи, цената бргу ќе скокне до 100.000.

Слична е ситуацијата со маските кои вообичаено се продаваат за центи, а сега чинат седум-осум долари по парче. Клиничките термометри, пак, чинеа 30 долари во Бразил во декември, а сега се продаваат за 125 долари.

Вилјаш-Боаш посочува дека поголем проблем од цената претставува барањето на повеќето кинески произведувачи за плаќање однапред, по потпишување на договорот.

Згора, кинеската влада веројатно е дополнителен натпреварувач бидејќи набавува значителен број на маски, комплети за тестирање и вентилатори кои ги донира на државите на кои им е потребна помош.