„Фајзер“ и „Бионтек“ ќе достават дополнителни четири милиони дози од нивната вакцина во Европската Унија во следните две недели за да се борат против ширењето на мутирани варијанти на коронавирус, објави шефот на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен.
– Со насочена употреба, таму каде што се најпотребни, особено во пограничните региони, овие дози исто така ќе помогнат да се обезбеди или обнови слободното движење на стоки и луѓе – рече фон дер Лајен.
Комисијата очекува вкупно околу 100 милиони дози од сите одобрени вакцини да бидат доставени до европскиот блок до крајот на март.
Извршната власт на ЕУ објави дека преговара за зголемување на дозите за да можат членовите да ги користат во области каде постои страв од ширење на заразни варијанти на коронавирус.
Австрискиот Тирол, Ница и Мозел во Франција, Болзано во Италија, делови од Баварија и Саксонија во Германија забележаа нагло зголемување на бројот на инфицирани и хоспитализирани од коронавирус во последните неколку недели, соопшти Комисијата.
Во некои случаи, ова доведе до ограничување на движењето во слободната зона на ЕУ.
– Се покажа дека вакцината „Фајзер“ е многу ефикасна против сите во моментов познати варијанти на коронавирусот – заклучи Комисијата.