Европската агенција за лекови (ЕМА) ја препорача употребата на вакцината на „Астра зенека“ против ковид-19 за сите возрасни групи и тоа е силен сигнал до сите граѓани дека се работи за безбедни и ефикасни вакцини, велат од Европската комисија.
Во врска со информациите дека Германија и Белгија изразиле сомнежи за ефикасноста на вакцината на „Астра зенека“ кај лицата над 65, односно над 55 години, Комисијата наведува дека е во надлежност на земјите-членки да одлучуваат за дополнителни и построги барања за употреба на некои вакцини, сè додека тоа не е спротивно на препораките на ЕМА.
Европската комисија апелираше и до интернет-платформите, како што се Фејсбук, Твитер, Јутуб и Гугл, итно да работат на решавање на дезинформациите што се појавуваат на социјалните мрежи кога станува збор за вакцините против коронавирусот.
– Живееме во глобална здравствена криза, а проверените информации можат да спасат животи – е пораката на Брисел.
ЕУ потенцира дека од договорените 2,6 милијарди вакцини за подрачјето на ЕУ-27, во моментов се произведуваат 1,2 милијарди, што, според очекувањата на Брисел, треба да овозможи 70 проценти од населението во ЕУ да се вакцинира до крајот на летото.