Европската комисија предложи низа мерки за забавување на ширењето на коронавирусот, кои вклучуваат, меѓу другото, помасовно и побрзо тестирање, подготовка на кампања за вакцинација и ефективни и интероперативни апликации за следење на контактите.
– Ситуацијата е многу сериозна. Треба да го забрзаме одговорот на ниво на ЕУ – рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Оваа година ќе имаме поинаков Божиќ – истакна Фон дер Лајен, додавајќи дека многу ќе зависи од тоа што ќе се преземе во следните неколку недели.
Комисијата ги повикува земјите членки да преземат понатамошни чекори и да дејствуваат на координиран начин, бидејќи Европа повторно станува жариште на пандемијата.
– Ги повикувам земјите членки да соработуваат поблиску. Храбрите чекори што се прават сега ќе спасат животи и средства за живот. Ниту една земја членка нема да излезе од пандемијата сè додека не го сторат тоа сите – изјави Фон дер Лајен.