Европската комисија денес предложи регулатива за воспоставување дигитален сертификат што треба да овозможи безбедно патување во рамките на Европската Унија за време на пандемијата. Тоа ќе биде доказ дека лицето е вакцинирано, веќе оздравело од болеста или има негативен тест за ковид-19.
Сертификатите ќе бидат бесплатни, во дигитална или хартиена форма на јазикот на земјата-издавач и на англиски јазик. Ќе содржат код за да се осигури безбедноста и автентичноста на сертификатот.
Овие сертификати треба да бидат усогласени и проверливи низ целата Европска Унија.
Комисијата ги повикува земјите-членки и Европскиот парламент да го усвојат предлогот што е можно поскоро, за регулативата да стапи на сила до летото.
Потпретседателот на Комисијата, Маргаритис Схинас, во интервју за ФАЗ изјави дека потврдата треба да биде готова до лето, а летото започнува на 1 јуни.
Тоа е мерка која во голема мера има за цел да го спаси туризмот во ЕУ.
Комисијата се определи за регулативата затоа што земјите членки се должни директно да ја применуваат, спротивно на препораките што и онака ги следат малку земји.
Бидејќи нема доволно вакцини, Комисијата сака овие сертификати да содржат резултат на тестирање на Ковид-19 или присуство на антитела, така што луѓето кои немале можност да се вакцинираат да не бидат дискриминирани.
Според Комисијата, досега се вакцинирани само 3,5 проценти од населението во ЕУ.